Европскиот парламент (ЕП) денеска во Стразбур ќе гласа за резолуцијата за Република Македонија, која е препорака на парламентот поврзана со извештајот на Европската комисија за 2016 година.
За резолуцијата предложена од европратеникот Иво Вајгл од Словенија, инаку специјален известувач на ЕП за Македонија, се дебатираше на 5 април, а денеска се очекува нејзино изгласување во рамките на тридневната пленарна седница. На дневен ред на седницата се и резолуциите за Србија и за Косово, а ќе се решава и за други работи во надлежност на ЕП.
Се очекува гласањето да биде пред 15 часот.
Со оваа резолуција, која беше усвоена од Комисијата за надворешни работи на ЕП, се препорачува почнување на преговорите за членство на Република Македонија со Европската Унија.