Еден од најдобрите македонски фоторепортери, Роберт Атанасовски, е победник на 14. издание на конкурсот за Фотографија на годината на српската агенција Бета, објави РТС.
Тој ја доби наградата за неговата фотографија насловена „Шарена револуција“, направена за време на минатогодишните протести.
На изложбата, која синоќа беше отворена во „Дорчол плац“ во Белград, се изложени 45 фотографии, од вкупно 300 испратени, кои се дела на 76 медиумски професионалци од осум европски земји.
Атанасовски, кој е репортерт на веб-порталот МКД.мк и „Франс пренс“, за време на доделувањето на наградата изјави дека во Македонија овие години „беше многу возбудливо“ и дека имало многу префарбани фасади на владини институции и шарени графити кои гласеа „Бојата се мие, но срамот не може да се измие“.
Второ и трето место добија фоторепортерите Митар Митовиќ и Владимир Живојиновиќ од Србија. Митровиќ за фотографијата „Капење“, која е контраст на новиот „Белград на вода“, додека Живојиновиќ за бегалци кои се капат поливајќи се со вода во нехумани услови во зимските месеци.
Инаку, Фотографија на годината на Бета е единствен меѓународен конкурс за медиумски професионални фотографи во Југоисточна Европа, а на досегашните 14 конкурси учествувале 1.273 фоторепортери со 5.590 дела.