Започна одбројувањето на главниот спортски фудбалски настан оваа година, Европското првенство во Франција, а остануваат уште точно 10 дена од почетокот на 15-тото континентално натпреварување во кое за првпат ќе настапат 24 репрезентации.
Европските првенства започнаа во 1960 година кога на завршницата се најдоа само најдобрите 4 репрезентации кои најдобро ги минаа квалификации, а до 1980 година финалните турнир практично беа фајнл-фор, така што дури од 1984 година тргна турнирско играње во кое имаше 8 екипи кои беа поделени во две групи од по четири селекции.
Од 1996 до 2012 година бројката на учесници беше 16, а годинава првпат на едно ЕП ќе има вкупно 24 репрезентации.
Еве неколку актуелни и интересни информации и за ова ЕП 2016.
- На 15-тото ЕП во Франција ќе биде одигран вкупно 51 натпревар.
- Првенството почнува на 10 јуни со натпреварот меѓу репрезентациите на Франција и Романија во 21 часот.
- Франција третпат е домаќин на селекциите од Европа. Таа беше домаќин на првиот шампионат во 1960 година и во 1984 година, кога и дојде до титулата.
- Наградата што ќе биде поделена меѓу репрезентациите изнесува вкупно 301 милион евра.
- Повеќе од две децении играчите настапуваат со бројки од 1 до 23 на завршницата на европските првенства.
- Досега титулата на ЕП ја освојувале само девет земји.
- Мишел Платини е единствениот играч кој успеал да постигне 9 гола на едно европско првенство.
- Првиот гол на Европските првенства беше дело на Милан Галиќ од поранешна Југославија. Тој го отвори ЕП во 1960 година со гол против Франција.
- Стадионот „Паркот на принцовите“ беше домаќин на првото финале на ЕП, но и на првото финале во КЕШ во 1956 година.
- Германија ги обедини титулите во 1972 (ЕП) и 1974 (СП), можност што и сега ја има доколку победи на ова ЕП.
The post Уште точно 10 дена до стартот на ЕВРО 2016 во Франција! appeared first on Спорти.
Source: Sporty