СТАВ: Наташа ПЕТРОВСКА – ТАЛЕСКИ НЕ СМЕЕ ДА ИМА ИНГЕРЕНЦИИ ВО БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА

Сподели

Се потврди дека Талески не смее повеќе да има надлежности за состојбата во основните и средните училишта во Битола.

Подолго време наназад сведоци сме на училишта со блокирани сметки, со кои апсолутно не може нормално да се функционира од никаков воспитно – образовен аспект. Тужени се училишта за неподмирени долгови со  кои дополнително се трошат сретства по основ камати и извршители.

Но, финансиската состојба не е единствениот проблем сам по себе во образовните институции во Битола.

Градоначалникот Талески, дозволува во општината да има училишта каде не се почитуваа законски одредби со кои директно се загрозуваше здравјето и на учениците и на вработените. Имено, во Битола постојат училишта каде не пример не се вршени санитарни прегледи иако согласно законот за заштита на населението од заразни болести, член 44, стои дека здравствено-хигиенски прегледи заради спречување на заразните болести се вршат над лица, објекти, простории, предмети, вклучувајќи и земање на материјал за насочено лабораториско испитување. Прегледите од ставот 1 на овој член се задолжителни за лицата кои спроведуваат воспитно-образовна дејност и здравствена дејност и во објектите и просториите каде што таа дејност се спроведува.

Никому не смее да му се дозволува да не ги почитува постоечките законски одредби и притоа да не сноси никакви последици.

Но, кршењето на законите во образованиието во Битола не застанува тука.  Според Законот за средно образование член 92-а се вели:

Градоначалникот, за општинските средни училишта, односно средни училишта на град Скопје, три месеци пред истекот на мандатот на постојниот директор, донесува одлука директорот да распише јавен оглас за избор на директор.

Но, во Битола се назначувани ВД директори во многу училишта, како во гимназијата Јосип Б. Тито, Ѓорги Наумов, Кузман Шапкарев, Јован Калаузи, без да се води сметка на гореспоменатата законска обврска. Дека станува збор за еклатанто изигрување со законот, најдобар пример е медицинското училиште каде актуелната ВД директорка после два мандати на директор во медицинското училиште во Битола, дури во три наврати е назначувана за ВД директор, директно од градоначалникот Талески. Иста е ситуацијата и со гимназијата Јосип Б. Тито. На тој начин се крши уште еден член од законот за средно образование преку член 91 став 10 со кој – Мандатот на директорот на јавното средно училиште трае четири години со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште. Но, во медицинското училиште и во гимназијата после двата поминати мандати веќе цела година директоруваат старите директори.

Со вакви кршења на законите ни најмалку не се чудни ни случајот Транспортер, ни блокираните училишта, ни долгот од речиси два милиони евра, на училиштата во Битола.

Ваквото самоволие на практикување на локалната власт со злоупотреба на стекнатите права со децентрализацијата, само покажуваат дека Талески не смее да ги има ингеренциите на битолските училишта, односно час поскоро треба да се применуваат законските одредби на член 108 ,од Законот за средно образование во насока на одземање на истите.

СТАВ, Наташа Петровска