Во тек се подготовките за Самитот Г20, кој на 7. и 8. јули ќе се одржи во германскиот град Хамбруг, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на хамбуршката полиција се наведува дека за време на самитот ќе бидат ангажирани 15.000 полицајци, а за безбедноста ќе се погрижат и неколку илјади телохранители.
Портпаролот на полицијата, Ралф Мартин Мејер, изјави дека станува збор за наjголем ангажман во историјата на Хамбург.
Се очекува во градот да дојдат и околу 8.000 демонстранти, како од Германија, така и од другите земји.
Обвинителството во Хамбург соопшти дека се преземени опсежни мерки за потенцијалните случувања. Наводно, ќе бидат поставени привремени судови кои ќе можат да работат 24 часа дневно.
Во привремените судови во коишто ќе работат 140 обвинители, ќе биде можно истовремено да се држат осум рочишта. Освен лицата што сториле одредено казнено дело, пред судот ќе можат да бидат изведени и лица за кои полицијата смета дека сториле казнено дело.
Во соопштението се наведува дека контејнерот, односно центарот за приведување ќе се состои од 50 ќелии за по едно лице, и 70 ќелии за повеќе лица. Во четири контејнери ќе биде овозможен разговор со приведените и со нивните адвокати.
Два контејнера ќе бидат користени за медицински цели.
Исто така, ден пред самитот ќе бидат одржани демонстрациите „Г20: Добредојдовте во пеколот“.
Портпаролот на владата, Штефен Зајберт, соопшти дека за самитот се акредитирани околу 4.800 новинари од 65 земји.
Тој додаде дека не очекуваат оти сите новинари ќе дојдат во Хамбург.