Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија Михаел Рот, од денеска до вторник ќе престојува во посета на Македонија и Србија.
– Беше крајно време да бидат надминати блокадите во поранешната југословенска Република Македонија. Одговорните политичарите ја однесоа земјата во многу тешка ситуација. Затоа сум задоволен од првичните надежни сигнали од новата влада. Премиерот Заев кажа јасно дека сака темелно да се занимава со интеграцијата во ЕУ и дека е искрено заинтересиран за регионално помирување, се вели во информацијата од германското МНР пред посетата, јавува дописникот на МИА од Берлин.
Предвидено е Рот прво да го посети Белград, а потоа ќе пристигне во Скопје.
– По Белград Рот патува во Скопје каде што новата Влада ја почна својата работа по изборите во декември. Формирањето на Владата беше долго и тешко, се вели во информацијата од германското МНР, во која не се наведува со кого ќе се сретне германскиот дипломат во Македонија.
Михаел Рот е еден од највлијателните дипломати во германското МНР, тој е член на германските социјалдемократи и еден од најблиските соработници на министерот за надворешни работи Зигмар Габриел, кој е дел од кампањата на СПД за сојузните избори закажани за септември, а учествува и во меѓународната медијација за кризата во Катар.