-“На оваа земја и се потребни реформи и помирување. Првите чекори на Владата се во вистинска насока, но потребно е и опозицијата да се вклучи во процесот на нивното спроведување со цел да се напредува на патот на евроинтеграциите за што ја имате поддршката од Германија”, порача државниот секретар во МНР на Германија Михаел Рот на денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
-“Оваа држава нема потреба од ништо повеќе отколку што се реформите. Владата си постави сериозна програма за реформи. Јас само можам да посакам тие чекори конкретно да бидат реализирани. Важно е реформите да бидат спроведени во интерес на државата и на нејзиниот народ бидејќи иднината на Македонија е во ЕУ. Во изминатите години многу доверба беше изгубено, а сега мора повторно да се постигне.”
Одговарајќи на новинарско прашање, Рот истакна дека доколку се испорачаат резултати во однос на бараните реформи, како и во однос на градењето на односите со соседите, тогаш Германија ќе биде обврзана да испорача од своја страна.
-“Новата Влада воведе мноштво мерки коишто треба да создадат повторно доверба меѓу другото и со Грција, но и со Бугарија. Сметам дека тоа е токму точниот правец Ова долго време беше потребно. Сигурен сум дека македонската Влада и понатаму ќе работи на намалување на тензиите и на градењето на доверба. Доколку се пружа раката за дијалог и јас имам очекување од другата страна тие партнери да ја прифатат пружената рака. Никој надвор од Македонија и надвор од Грција не го разбира спорот кој е комплетно апсурден. Мислам дека треба да оставиме историјата да си остане историја и да одиме кон заедничка иднина. Германија е подготвена доколку тоа се побара да даде поддршка во тој правец. Но, навистина ги ценам сигналите што во моментов се праќаат од овде. Тогаш и ние сме обврзани да ја поддржиме Македонија. Кога зборам ние, не мислам само на Германија, туку и на целата ЕУ. За да се отпочнат пристапни преговори потребен е консензус”, истакна Рот.
Германскиот дипломат Михаел Рот денеска се сретна и со за европски прашања Бујар Османи, а вчера разговараше со премиерот Зоран Заев. Во Скопје оствари средби и со претставници на граѓанското општество.