Како вашата држава ќе се однесува кон Србија, така и ние ќе се однесуваме кон вас, изјави српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, пренесува „Вечерње новости“.
– Повеќепати им кажав на македонските претставници: Како вашата држава ќе се однесува кон Србија на меѓународната политичка сцена и во организациите, така и ние ќе се однесуваме кон вас – изјави Дачиќ, кој посочил дека понатаму воопшто не сака да разговара на таа тема.
Пред два дена, по средбата со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, Дачиќ изјави дека Србија направила грешка кога пред 20 години ја признала Македонија под уставно име.
– Сметам дека Србија направи грешка пред 20 години кога го призна Скопје под името Република Македонија. Тоа не беше коректно спрема Грција, а Скопје секогаш имаше негативен став спрема прашањето за Косово и Метохија. Тие ја признаа независноста на Косово и гласаа за прием на Косово во УНЕСКО – изјави Дачиќ.
Тој додаде дека Србија нема да повлекува никакви потези кои би можеле да ја нарушат стабилноста на регионот и дека „за разлика од некои други народи, Србија нема територијални претензии кон делови на Грција“.
Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, изрази жалење поради изјавата за Дачиќ и му порача дека во регионот „растеме и паѓаме заедно“.