Нема службени возила и мобилни во кампањата за локалните избори

Сподели

Парламентарните избори минатата година го означија почетокот на крајот на една тешка институционална и политичка криза, но означија и почеток на деблокирање на евроинтегративниот процес, изјави вицепремиерот Бујар Османи, пред почетокот на трибната посветена на имплементацијата на мерките од планот „3-6-9“ што се однесуваат на изборите и на изборниот процес.

– Иако тие избори означија некаков почеток, сметам дека следните локалните избори ќе означуваат крај на првата фаза, која ќе даде оценка дали навистина сме се вратиле на евроинтегративниот процес, односно на демократскиот пат – рече Османи, додавајќи дека локалните избори се круна на планот „3-6-9“ бидејќи изборите се показател за состојбата во администрацијата, медиумите и кај граѓаните.

ДИК и МВР ќе продолжат да го ажурираат Избирачкиот список, а во тоа им помогнале и низата локални референдуми. Мерките за кои ќе биде задолжена Владата, меѓу другото, се и спречување на заплашувањето и притисокот врз администрацијата да не се користат државните ресурси во кампања, како што се автомобилите, мобилните телефони, канцелариите. Исто така, една од мерките е и Владата да го разреши директорот на МРТ ако ОБСЕ утврди небалансираност во известувањето.

Во одредување на мерките за реформи во врска со изборите помагала и експертската група од Венециската комисија, која ја следела работата на ДИК.