Мијалков излегува, Бетмен влегува во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ

Сподели

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва избра нов Извршен комитет на партијата. Пратеникот и член на Извршниот комитет, Антонио Милошоски, на Фејсбук објави дека добиле едногласна поддршка од Централниот комитет.

Тој ги објави и имињата на новите членови на Извршниот комитет на партијата: професор Драги Димитриевски од Земјоделскиот факултет, д-р Игор Николов од нефрологија, професор Христијан Мицкоски е нов генерален секретар, пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, поранешниот пратеник Александар Николоски, поранешниот министер Џери Наумов, Златко Перински, Никола Србов, Славе Трпески, Ане Лашкоска, Сеад Солаковски, Марио Цветковски, Дијана Транталовска, Богдан Илиевски Бетмен, Светлана Колариќ, поранешниот портпарол на владата Александар Георгиев, поранешниот кошаркар Дејан Јовановски, Анета Стојановска Стефанова и Армен Незири.

Илија Димовски, Антонио Милошоски, Влатко Ѓорчев, Емил Димитриев, Коце Трајановски, Никола Попоски, Никола Тодоров, Даниела Рангелова, Владимир Нелоски, Нермин Теловска и Зоран Савевски остануваат членови на Извршниот комитет на партијата.

„Спремни за работа, спремни за изборна победа! Пожелувам на сите да работат со чест кон ВМРО, и со достоинство за Македонија“, напиша Милошоски на Фејсбук.

Во Комитетот ги нема досегашните членови Мартин Протуѓер, Сашо Мијалков, Владимир Пешевски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, кои се обвинети од СЈО, како и поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески.

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков претходно објави дека донел лична одлука да се повлече од сите партиски функции.

„Ја информирам јавноста дека мојата политичка активност ја ставам во мирување. Со цел да се завршат судските постапки кои се во тек, а во кои што кај мене постои лично убедување дека ќе се докаже вистината, донесов лична одлука да се повлечам од сите партиски функции“, стои во соопштението испратено од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

РСЕ