Министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Ри Јонг Хо, изјави дека неговата земја е подготвена на САД да им одржи „тешка лекција“ со нуклеарно оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на севернокорејската дипломатија вчера ја откажа најавената прес-конференција, на маргините на самитот на Организацијата на земји од Југоисточна Азија (ASEAN) во главниот град на Филипините, Манила, а потоа од неговата канцеларија беше објавено соопштение.
Нагласувајќи дека Северна Кореја под никакви услови нема да преговара за својот развој на нуклеарно оружје и балистички проектили, министерот Ри порача дека тоа оружје нема да биде користено против ниедна друга земја, освен САД.
„Тој план, секако, ќе се промени ако некоја земја се вклучи во американските потези насочени против Северна Кореја. Властите во Вашингтон се тие кои апсолутно стојат зад кризата на Корејскиот Полуостров“, изјави Ри.