Денеска ќе се плива 31. Охридски пливачки маратон, што е редовна трка од „Гран при“ серијата маратонски трки на отворени води на Светската пливачка федерација (ФИНА).
Ќе се плива на патеката „Климе Савин“, од Св. Наум до Охрид, во должина од 30 километри.
На стартот закажан напладне е најавено учество на 22 пливачи, 15 во машка и седум во женска конкуренција. Меѓу пријавените маратонци се и тројцата македонски пливачи – Евгениј Поп-Ацев, победник на маратон во 2015 година, Александар Илиевски и Александар Панчевски. Покрај нив има пливачи од Франција, Бразил, Аргентина, Канада, Италија, Германија, Холандија, Хрватска и Русија.
Охридскиот пливачки маратон е трета, воедно и претпоследна во Гран при серијата на ФИНА, а можеби и клучна за добивање на конечниот ранг на светската листа на маратонско пливање. Наградниот фонд е во висина од 10.000 долари.