Тетовчани својот револт го истурија пред општината

Сподели

Тетовци протестираа револтирани од пожарот на депонијата на влезот од градот која гори веќе два дена. Протестот кој беше организиран преку социјалните мрежи почна мирено на градскиот плоштад, а ескалираше пред општинската зграда. Таму граѓаните истурија контејнер полн со ѓубре, кое се обидоа да го запалат, а фрлаа и со јајца. Силното полициско обезбедување спречи да се случи поголем инцидент, пренесе 24 Вести.

Граѓаните тврдат дека политиката ја потпалила депонијата. Ја повикаа градоначалничката Арифи итно да ја дислоцира депонијата, но и да им објасни зошто дури сега на крајот од нејзиниот мандат најавува решение на проблемот.

„Можеби родени како Албанци, Македонци или Турци сите во Тетово ќе испоцркаме од рак. Овој градоначалник на Тетово беше во коалиција со сите власти и е одговорен што и порано не барал средства за да се реши проблемот“, вели  Дарко Гавроски – Еко герила.

Тетовската градоначалничка пред пред зградата на Општината излезе откако заврши протестот, но и откако пожарникари со шмрк го расчистија ѓубрето.

„Тоа е дваесет годишен проблем кој ние не го создадовме туку така го најдовме. Токму поради тоа работевме на долгорочни решенија. Кој и да го избрал овој пат за политичка битка со иднината и здравјето на граѓаните на Тетово го избрал погрешниот пат. Ние сме тука и секогаш ќе бидеме со нашите граѓани“, вали Теута Арифи – градоначалничка на Општина Тетово.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, тврди дека некој намерно го подметнал пожарот во тетовската депонија со цел да се одложи дислокацијата што требало да започне утре, бидејќи Владата веќе обезбедила пари за нејзино чистење.
Денеска на пладне се уште гореше тетовската депонија која се користи како претоварна станица. Граѓаните велат дека огнот бил изгасен во текот на вчерашниот ден, но ноќта повторно се распламтил по што цело Тетово било во чад. Некои жители дури и го напуштиле градот.

„ТПЕ активно е на лице место на ова место. Вчерам цел ден работевме и дежуравме и интервениравме со околу 20 цистерни вода“, вели  Тетово Командир на против пожарна бригада.

Министерството за здравство ги повика тетовци непотребно да не излегуваат надвор, а посебно внимателни да бидат лицата кои имаат респираторни проблеми.