ЗАЕВ: Во разговорот со Вучиќ ќе ги решиме сите недоразбирања

Сподели

Македонскиот премиер Зоран Заев во изјава за „Блиц“ повтори дека Владата во Скопје никогаш ниту имала намера, ниту дала упатства за вршење какви било разузнавачки активности против која било соседна земја, вклучувајќи ја и Србија.

Тој изјави дека во денешниот разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе ги решат сите евентуални недоразбирања.

„Без какви било предвремени заклучоци го почитуваме и поддржуваме повикот на официјален Белград да ги заштитиме билатералните односи меѓу Србија и Македонија и да воспоставиме стандарден кодекс на однесување. Се надевам дека денешните разговори со претседателот Александар Вучиќ ќе ги решат сите евентуални недоразбирања“, истакнa Заев.

Прашан дали македонската Влада склучила договор со Албанците на штета на српските интереси, Заев тврди дека тоа се лажни вести.

„Дозволете ми да бидам јасен, во нашата политика нема стратегија и политика на штета на Србија. Посветени сме на одржување и континуирана работа за зајакнување на нашите билатерални односи со Србија. Нашиот пристап во надворешната политика се базира на
политика на отворени врати, директен дијалог и добра волја која ќе ги решава проблемите, наместо да создава нови. Сметаме дека тоа е најефикасен начин за градење на добрососедските односи, соработка и партнерство“, изјави Заев.