Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за образование, Рената Дескоска, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и од заменик министерот за здравство, Гоце Чакароски, денеска се сретна со претставници на Сојузот на дефектолози на Република Македонија, претседателот Горан Петрушев и членот Спасе Додевски.
На средбата се разговараше за целосно интегрирање на лицата со попреченост во општеството низ системски пристап и ефикасни и квалитетни решенија.
Претставниците на Сојузот на дефектолози ја поздравија реформската ориентираност на новата Влада и отвореноста за решавање и на ова важно прашање, низ современи, европски практики.
„Најавивме дека ќе градиме инклузивно општество и тоа го спроведуваме. Новата Влада целосно се отвора, заедно со стручната јавност да овозможи, лицата со попреченост да бидат целосно вклучени во општеството, тргнувајки од она што тие се во можност да го прават“ рече премиерот Заев.
На средбата се разговараше за начините за надминување на состојбите од досегашните политики што ги делат и етикетираат граѓаните со попреченост и не им овозможуваат соодветен третман, помош, социјална и здравствена заштита, соодветно образование и можности да придонесуваат во општеството. Меѓу приоритетните мерки на Владата се посочени: обезбедувањето услови децата со попреченост да посетуваат редовна настава во училиштата, да имаат свои персонални асистенти, активна и квалитетна помош од дневните центри во периодот кога не се на училиште, соодветна финансиска поддршка на семејствата каде има деца или лица со попреченост.
Исто така, меѓу приоритетните прашања е поставена и потребата за целосна координација меѓу ресорните министерства, со цел навремено и непречено решавање на проблемите со коишто се соочуваат лицата со попреченост.
Премиерот Заев договори со претставниците на Сојузот на дефектолози редовна лична комуникација, покрај постоечката редовна соработка со министрите во Владата. Се разгледуваат и други форми на дејствување, согласно меѓународната Конвенцијата за правата на децата со пречки во развојот, којашто Република Македонија ја има потпишано, но којашто досега не се спроведувала.
„Јас како премиер и Владата сме цврсто определени да ги решиме клучните проблеми со коишто се соочуваат лицата со попреченост и да им овозможиме нормален секојдневен живот нашите сограѓани кои се соочуваат со ваков проблем“ рече премиерот Заев на средбата во Владата со претставниците на Сојузот на дефектолози на Република Македонија.