Димитров: Членството во НАТО не зависи само од Македонија

Сподели

-“Нашето зачленување во НАТО не зависи само од Република Македонија. Согласно формулата од Букурешт од 2008 година зависи и од Република Грција, а зависи и од тоа колку брзо ќе успееме да ги тргнеме дополнителните критики што ги добивме од Самитот во Варшава во делот на одговорност, владеење на правото и слобода на медиумите”, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров во одговор на новинарско прашање дали очекува Македонија да влезе во НАТО до крајот на годината.

На новинарско прашање под кое име ќе влеземе во НАТО, Димитров рече дека на првата посета на премиерот Заев во Брисел било јасно кажано дека Македонија согласно Времената спогодба е подготвена да прифати покана под привремената референца што се користи во ОН за да влезе во Алијансата.

-” Тоа е и согласно со Времената спогодба, тоа е согласност со така како што Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја толкува времената спогодба. Убедени сме дека тоа ќе придонесе и кон создавање на поголемо разбирање и во нашата јавност бидејќи кога го блокирате својот сосед долги години реакцијата не е поголема конструктивност, реакцијата е дефанзивност и одбранбен став на накој начин. Сега тоа не зависи само од нас. Ние не сакаме да почнеме игра на обвинувања со Грција бидејќи нашето членство во НАТО во основа значи дека Грција треба во нас да гледа сојузник и ние во Грција треба да гледаме сојузник”, изјави Димитров.

-” Треба да си ги вратиме старите пријатели, да создадеме нови пријатели, да ја зголемиме причината зошто нив треба да им е важно Македонија да успее и да влезе во Алијансата и да почне преговори со ЕУ и да ги убедиме соседите дека не сме проблем. И затоа мафтање со мапи на голема Македонија не ни помага како што не сакаме мапи на големи други држави. Сакаме само голема Европа. Сакаме територијата што си ја имаме да биде во овие граници, да биде еден дом на среќни луѓе, на луѓе што ќе живеат во услови на правда, тоа е во основа визијата што се роди. И народите и нациите, како и луѓето можат да влијаат врз својата судбина. Наше е да направиме се да си ги отвориме вратите, изјави Димитров.