Коле Штериев нов претседател на Советот на јавни обвинители

Сподели

Советот на јавни обвинители денеска со мнозинство гласови за нов претседател го избра Коле Штериев, откако во вторникот оваа недела, претходниот претседател, Петар Аневски, си поднесе оставка од функцијата.

Штериев, кој беше избран за член на Советот пред една година, а претходно беше дел од Вишото јавно обвинителство и од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по изборот рече дека е свесен за нарушениот углед на оваа институција и најави дека ќе работи на негово подобрување.

Тој истакна дека забелешките во јавноста дека има конфликт помеѓу Советот и Специјалното јавно обвинителство воопшто не биле само впечатоци, туку дека тоа била стварна состојба и дека Советот воопшто не требало да расправа дали на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева треба да ѝ бидат дадени предметите што таа ги бара.

– Ќе се обидам да ги искористам и моите и капацитетите на членовите на Советот на јавни обвинители и се надевам дека ќе успееме да ја смениме сликата за Советот. За впечатоците во јавноста дека Советот бил во конфликт со Специјалното јавно обвинителство, можам да кажам дека тоа не беа само впечатоци, туку тоа беше така. Но, за тоа да бидам искрен, причините не треба да се бараат само во Советот. Сепак, да не навлегуваме денеска, на првиот ден, во тоа – рече Штериев.

Претходниот претседател на Советот, Петар Аневски, во вторникот изјави дека поднел оставка од функцијата поради лични и семејни причини, без да навлегува во детали околу причините за ваквата одлука.

Инаку, Советот на јавни обвинители има важна улога во постапката за именување државен јавен обвинител, бидејќи треба да даде мислење за сите пријавени кандидати, кое е обврзувачко.

Постапката за именување нов државен јавен обвинител, по разрешувањето на Марко Зврлевски, Владата ја почна на 22 август. Предлогот на Владата за распишување оглас за именување на новиот јавен обвинител е на дневен ред на седницата на Собранието на Република Македонија закажана за 4 септември.