Премиерот Заев се обврза дека ќе има нула толеранција за изборните злоупотреби

Сподели

И по промената на централната власт, на Македонија и треба уште многу работа за да ја промени праксата на поистоветување на партијата со државата. Ова беше заклучок на дебатата организирана од граѓанската асоцијација „МОСТ“. Премиерот Зоран Заев се обврза дека ќе има нула толеранција за изборните злоупотреби од било кој учесник.

-” Владата на Македонија гради институции за и на граѓаните и има цел на претстојните локални избори да ги заштити граѓаните од партиски злоупотреби. Вршителите на јавните функции нема да ги злоупотребуваат своите надлежности за партиски цели. Нема да има уцени, закани и заплашувања за партиски цели. Одвојувањето на партијата од државата е даден збор на новата влада. Врвен приоритет ни е одржувањето на фер и демократски избори. Владата ќе донесе мерки со кои ќе ги спречи кандидатите за градоначалници да користат државни средства” – рече Заев.

Во минатото имаше доволно примери за непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата, смета Дарко Алексов, извршниот директор на „Мост“, кој порача дека сите сакаат да видат дека власта може и поинаку да се практикува.

-“Треба прекршувањата на принципот на одвојување на државата од партијата да бидат истражени и соодветно санкционирани “– додаде Алексов.

Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар изјави дека слободни избори и елиминирањето на епитетот „заробена држава“ би подразбирало чекор кон интеграција во ЕУ.

-” Примарно е политичките лидери што ги спроведуваат кампањите за изборите, да ги спроведуваат без насилство, заплашувања и без етнички тензии. Лидерите да го користат изборниот процес за да покажат демократски вредности. Изборите да бидат чекор напред во евроинтеграциите” – додаде Жбогар.