42. MOT 2017
МКЦ, 28.септември – 04.октомври
Силјан штркот Шанца, 28. септември, МНТ, мала сцена
Имајќи го текстот на Дејан Дуковски како предлошка, режисерот Срѓан Јаниќијевиќ успева да го артикулира својот богат режисерски потенцијал на повеќе нивоа. Комплекс од актерска игра, музика изведена во живо, домашна митологија, која зборува во естетски ракурс се главните детерминанти на претставата во која е најважно тоа дека си игра и со нас како гледачи и меѓусебно со секој од членовите во тимот. Во театар е најубаво кога се игра, а претставата е доказ за тоа.
Нашето насилство и вашето насилство, МКЦ, 28.септември
Претставата Нашето насилство и вашето насилство ја набљудува Европа, која е наивно затечена од бегалската криза, Европа, која бескрупулозно го заборава своето колонизаторско минато и која им ги затвора границите на оние што бегаат од последиците на европските и американските политики. 20-от век тврдоглаво го подгрева националниот нарцизам, кој нѐ учи дека една маса е подобра од другите. 21-от век продолжува да ги предава истите лекции и тоа со користење на најсилното оружје: стравот.
Експеримент, ДТЦ, 28. септември
Истражувачкиот театарски процес во координација со општествено важните прашања што се табуизираат, во последно време е парадигма за македонската независна театарска продукција. Оваа претстава на Јане Спасиќ, инспирирана од книгата The Lucifer effect на социјалниот психолог Зимбардо, поставува повеќе прашања што општеството ги поттурнува под „килимче“. Актерската екипа се предизвикува себеси и активно го креира ликот пред очите на публиката низ неколку тематски координати значајни за нас денес. Најважен е процесот и околностите низ/под кои поединецот (секој човек или секој од нас) станува соучесник во злосторствата и на кој начин ги прифаќа истите.
Мојата фабрика, МКЦ, 29.септември
Невозможно е да се опише Зеница, а да не се спомене Фабриката. И обратно. Гледајќи низ порзорецот на автомобил што влегува во Зеница, се чини дека градот и фабриката се сраснуваат меѓусебно како сложувалка. Оние што го познаваат подобро нивниот однос, знаат дека тој отсекогаш ги исцрпувал партнерите, тие си давале живот еден на друг, ама со иста сила и си го одземале. Таквиот зависен однос не можел да донесе ништо добро, кога Фабриката по транзицијата го напуштила градот, тој останал зашеметен и дезориентиран, веќе не можел да се потпира на неа, ниту да смета на нејзината помош. Поради некогашната важност за целата држава, заради митот за „огнениот град“, ни се чини дека и денес заслужуваме многу повеќе.
Птичка – BIRDIE, 29.септември, МКЦ
Ако е невозможно да се сопре електрон, каква смисла има подигањето огради против јата птици? Птичка е мултимедијална претстава со видео во живо, со предмети, навраќање на Птици на Хичкок, со макети, со 2.000 мини-животни, со војни, со криумчари, со масовна миграција и со тројца изведувачи, кои управуваат со овој хаотичен свет низ духовитост, критика и посветеност кон човештвото.
Антигона и Креонт, 29.септември, Кино Култура
Универзалната борба на човекот со системот, потребата за отпор против власта и човечката битка со себе за моралните вертикали по кои чекори низ животот се онтолошкиот центар на оваа претстава. Трите Антигони и тројцата Креонти вмрежени низ сопствените хабитуси, се истражуваат и самите себеси и односите помеѓу, низ прецизната режија на Нела Витошевиќ. Ликовите/актерите и режијата градат структура, која од оваа претстава прави актуелен и современ театар. Затоа е важно да се проследи и секој гледач да го создаде својот однос кон светот околу него.
Разговор во четири очи, 30.септември, МНТ – Мала сцена
Романот на Ингмар Бергман и перформативниот потенцијал прават одлична предлошка за оваа претстава прикажувајќи ја основата или соголеноста на меѓучовечките односи на главната хероина Ана Бергман и нејзините животни сопатници – свештеникот, сопругот, мајката и љубовникот. Режијата ги соголува релациите меѓу сите ликови и остава актерскиот потенцијал да доминира во оваа претстава, која ги нагласува сите лични битки со изгубеното време, прилики, жртви и пред сѐ, соочувања што ги прават ликовите.
https://youtu.be/OaQ60dFSl54
Систем ерор, 29.септември, Кино Култура
По многу нешта оваа претстава се издвојува од тековната театарска продукција во Македонија. Професорите и студентите на Факултетот за драмски уметности – Скопје, заедно создаваат претстава што зборува и коментира општествено критички прашања, притоа презентирајќи го и едукативниот и естетскиот модел на работа. Претставата е своевиден „форум“ театар според принципите на Боал, која гласно, јасно и активно ги презентира општествените метастази на театарски јазик. Претстава што ги посочува грешките на системот и која истовремено покажува како денешен театар може да изгледа.
Лебенсраум, 30.септември, Театар Комедија
Двајца мажи живеат во мал, еднособен стан. Нивните решенија за заштеда на простор се генијални. Сè е повеќефункционално: креветот е пијано, а библиотеката служи како фрижидер. Но, тие мечтаат за една жена во куќата. За да го надоместат недостатокот на женско присуство, тие создаваат механичка слугинка. Еден од мажите ѝ се додворува, другиот ја гледа во прагматична улога. Но куклата наскоро покажува дека има своја волја и одбива да ѝ се командува. Работите во еднособниот стан се менуваат.
https://youtu.be/xnd5_KISUa4
Лерин, полиња жито, ридишта крв, 30.септември, МКЦ
Современиот документарен пристап, почнат со претставата Солун, град на духови, режисерот Унковски и креативниот тим го продолжуваат и во вториот дел од трилогијата Солун, Лерин, Скопје. Граѓанската војна во Грција, положбата на македонското население и сите ужасии од битката за Лерин ги следат актерите низ нивните лични и сведоштва преземени од историјата. Едноставно, претстава што јавно, гласно и страстно зборува за теророт, немирот и сите затскриени и потиснати прашања на едно време. Затоа е и мошне важна за современата македонска театарска практика.
Сослушување, 01. октомври, МКЦ
Домот за девојчиња секогаш беше како недостижен замок. Вратите и прозорците имаа илјадници видови огради, брави, бариери, со дебели стакла и чувари што апсеа на влезот. По влезната врата започнуваше женски свет во кој беше забранет влез за кој и да било маж. Махин, мојата девојка и актерка од моите последни претстави – и веројатно актерката што ја игра улогата на управникот – кој живееше во универзитетскиот дом цела година, вели: „Ако требаше да дојде мајстор да ја поправи климата , пред да излезе, тоа го објавуваа на разглас на следниов начин: ‘Драги девојки, ве молиме ставете го вашиот хиџаб, маж сака да дојде горе’“. Во една ваква ситуација, еден ден, една девојка известила дека слушнала маж во една од просториите. Ова е појдовната точка на оваа претстава.
https://youtu.be/s-Gwju-m9n0
1 Сиромашен и една 0, 01.октомври, Кино Култура
1 сиромашен и една 0 е претстава со два слоја: додека изведувачите пред публиката изнeсуваат различни начини на распаѓање на работникот, публиката се вовлекува во процесот на преобразба: од популарниот медиум на филмот, до популистичкиот политички театар.
Доктор Фауст, 01.октомври, МОБ, мала сцена
Познатиот режисерски ракопис на Андраш Урбан – соголен, суров и сиров приказ на тематиката што ја презентира и текстот на Кристофер Марлоу – посветен на борбата на еден човек со неговите граници и потрагата по знаење, заедно со ансамблот на битолскиот театар, прават претстава што е важна за македонската театарска практика. Ова е претстава, која специфичната просторна естетика на режисерот ја пренесува како потенцијално поле за соочување на еден човек со себеси и своите и туѓи морални вертикали. Искрена, брутална, сурова, но истовремено длабоко човечка претстава, која публиката ја прави свој член во тимот и учесник во процесот, претстава што поставува и одговара на многу прашања што го мачат современиот човек.
Хор на сираци, 03.октомври, МКЦ
Театарската сеанса со оркестар, сопран и актери. Претстава без текст. Продукцијата инспирирана од романот Боровинките на Ги Круси, нè води во едно сиропиталиште каде што ќе видиме еден ден во животот на неговите жители. Сепак, ова не е емотивна приказна за сираците, туку универзална приказна за човечката осаменост. Сирак – дете што ги загубило двајцата родители, или поретко, еден родител, исто така лице без роднини и блиски.
Мир со вас, 03.октомври, Кино Култура
Во „Мир со вас“, мигрантската криза се раскажува сама преку личните сведоштва на учесниците во неа: бегалци, мигранти и обични Бугари, кои имаат допир со странците. Како изгледа да бегаш од војна? Како се преминуваат границите? Каков е животот во бегалските кампови? Каде е толеранцијата? Постои ли воопшто? Каде е нејзината граница? И смеам ли да претпоставам дека живееме во свет во кој сите сме луѓе? Претставата е создадена од раскази на бегалци, кои екипата на “Vox Populi” ги собира лично, од јануари 2016 година.
Не се срамам од моето комунистичко минато, 04.октомври, МКЦ
Во Не се срамам од моето комунистичко минато, реномираната театарска режисерка и актерка Сања Митровиќ и српскиот актер Владимир Алексиќ се осврнуваат на неодамнешната историја на Социјалистичката Федеративна Република Југославија, земја, која денеска постои само во имагинацијата и сеќавањата. А сепак, основната идеја на СФРЈ, како мултиетничка, мултирелигиозна социјалистичка држава, е сè уште актуелна битка на европските земји денес. Или барем тоа е уверувањето што ги споило овие двајца артисти и пријатели од детството, кои емигрирале во 2001 година. Додека Сања сѐ уште живее и работи во Западна Европа, Владимир се вратил во Србија, за одново да го гради својот живот таму.
ТАГО, Корејски тапан 2, 07.октомври, Плоштад Македонија
Заборавете на стресот и вратете ја назад вибрантната енергија во вашиот живот. Одличен микс на корејски традиционални инструменти, почнувајќи од огромни тапани, до мали перкусии со доза на древни боречки вештини, чија цел е да го збогатат перформансот со динамични движења.