Доделени наградите  на Советот за етика во медиумите за најдобри новинарски стории 

Сподели

 

Советот за етика во медиумите на денешната прес-конференција ги соопшти наградите од конкурсот за најдобри новинарски стории од сферата на општествено – социјалниот живот, со фокус на унапредувањето на човековите права и промовирањето на правата на социјално ранливите и маргинализирани групи.
Според едногласната одлука на 3-членото жири, прво место освои сторијата на новинарката Ирена Мулачка од Фокус за скандалот на скопска Гинекологија откако лекари вработени на Клиниката открија дека 80тина новороденчиња починале за шест месеци. Според извештајот на жирито „се работи за сеопфатен и темелен истражувачки зафат, кој нуди обемни, ексклузивни и чувствителни информации за состојбата со новороденчињата во земјава, а авторката не се колебала јасно да ја посочи одговорноста и да ги отвори и најсензитивните прашања, кои треба да бидат подложени на јавна критика“.
Второнаградената сторија на годинешниот конурс на СЕММ е на авторот Никола Здравковиќ, за прилогот со наслов: „Семејна трагедија ја остави без парче леб Гордана Славковиќ“, објавен во рамките на емисијата 360 степени, на Телевизија Алсат – М. „Преку потресната приказна за самохрана мајка, новинарот со еден емотивен, но исклучително одмерен и хуман пристап, ги разоткрива институционалните парадокси, ги лоцира дефектите во законот и отвора низа прашања, кои покренуваат јавна дебата и повикуваат на одговорност“, стои во извештајот на жирито.
Жирито одлучи на годинешниот конкурс третата награда да ја поделат два новинарски труда. Првиот е на новинарката Мирјана Мирчевска – Јовановиќ за серијалот прилози за „Малиот Иван и неговата баба“, објавен на Канал 5 телевизија, а според жирито „авторката на еден суптилен и сестран начин. преку приказната на 9-годишно дете, до срж ги соголува институциите и ги разоткрива аномалиите и системските недоследности во општеството“.
Трудот кој, исто така, доби трета награда е на новинарот Марјан Николовски за прилогот со наслов „Можат ли верските заедници да ги тргнат сите бариери за непречена молитва“, објавен на телевизија Сител, во рамките на емисијата „На иста страна“. Тој обработува тема која досега воопшто не била или била симболично третирана во медиумите и со тоа внесува нова свежина во новинарството, промовирајќи го концептот за инклузија и интеграција на ранливите и маргинализирани групи од еден поинаков, во случајов  религиозен аспект.
Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и две пофалници. Во првиот случај за новинарската сторија на авторката Маја Раванска, за текстот со наслов „Македонскиот Стивен Хокинг задушен во стегите на неинклузивно општество“, објавен во весникот „Лице в лице“, како и за телевизискиот прилог “Да прогледаат тие што треба да видат“ на авторот Зоран Јованоски, од проектот 360 степени, на Алсат-М телевизија.
„Денешните награди се признание за професионализмот на авторите. Многупати сме ја нагласувале важноста на професионалното новинарство, за улогата на медиумите во објавување објективни информации, за потребата да се подобрат работните услови на новинарите и за саморегулацијата во надминувањето на етичките предизвици. Сите тие прашања се’ уште се актуелни и денес“, рече Шефот на делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар, во неговото обраќање на настанот.
Членови на жирито беа Бардуљ Заими, кој беше и негов претседавач, како и Жанета Трајкоска и Зоран Иванов.
Наградите годинава се доделуваат со финансиска поддршка од УНЕСКО и ЕУ во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција“.