Владата побара истрага од МВР и Државното правобранителство заради сомневање за злоупотреба на државниот буџет од поранешни владини службеници

Сподели

Сомнежи за злоупотреба на стотици илјади евра преку резервација на авиобилети, сомнителни набавки од фирмата „Атриум“ што ги правело АД за стопанисување со стамбен и деловен простор, и за консултантски услуги, објави денеска на прес конференција портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски.

На денешната прес конференција владиниот портпарол ја информираше јавноста за серија случаи за кои Владата на Република Македонија побара истрага од Министерството за внатрешни работи како и за започнување на постапка пред Државното правобранителство.

Имено, станува збор за специфични набавки, тендери како и договори за кои, како што рече Бошњаковски постојат основани индиции дека со нив е направена штета на буџетот на Република Македонија.

Првиот случај кој го објави портпаролот Бошњаковски се однесува на резервација на авиобилети од страна на Службата за општи и заеднички работи на поранешната влада во периодот од 2014 до 2017 година.

– По распишан тендер за јавни набавки со цел ангажирање на фирми кои ќе вршат резервации на авиобилети биле склучени рамковните спогодби со повеќе компании со цел да се избере најповолната понуда.Тоа што е утврдено е дека одговорните лица во Службата за општи и заеднички работи по тендерот и рамковните договори доставувале барање за понуди за авио билети само до еден оператор, а не до сите како што биле обврзани со рамковните договори. Сметаме дека со оваа постапка е нанесена штета на Буџетот на Република Македонија – рече на прес конференцијата портпаролот на Владата.

Вториот случај, за кој е побарана истрага од МВР и од Државното правобранителство се однесува на сомнителни набавка на стоки и услуги од страна на фирмата Атриум за периодот од 2012 до 2017 година за АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
Како што беше кажано на прес конференцијата, во согласност со документацијата со која располагаат службите на Владата на РМ, постојат индиции дека се користени дампинг цени за стоки и услуги за кои реално се знаело дека нема да бидат набавувани со цел компанијата Атриум да биде најдобро рангирана во тендерската постапка и да се доведе во повластена позиција.
Компанијата Атриум од Вевчани извршувала занатски услуги по единечни цени кои се неколкукратно повисоки од пазарните, потенцираше Бошњаковски.

Така на пример, за селење од бесправно вселени станови со камион и вклучени 4 општи работници на час биле наплатувани по 20.000 ден, за изработка и монтажа на дрвен излог од букова граѓа без стакло за метар квадратен биле наплатувани по 216.000 ден, за ПВЦ врата од метар квадратен било наплатено по 225.600 ден, за поправка на механизам на ПВЦ врата изработена по системот фолцфаген било платено по 10.780 ден по парче.

– Во тендерската спецификација се барале и услуги и добра кои однапред се знаело дека нема да се набавуваат и за истите се понудувале единечни цени кои се неразумно ниски. Владата на РМ, бара од МВР треба да испита како е можно фирмата Атриум да знае точно кои производи и услуги ќе се набавуваат однапред – рече Бошњаковски на пресконференцијата.

Тој уште објави и сомневања за слоупотреби на пари од буџетот на Република Македонија за договорите за ангажирање на лицата Александар Никовски, Џорџ Р. Пери како и Јехшуа Шуки Глајтман, кои биле надворешни соработници на поранешниот премиер Никола Груевски, а на чии договори како потписник стои, како што објави Бошњаковски, тогашниот Шеф на Канцеларијата на Груевски, Мартин Протугер.

Постојат индиции дека потписот на Мартин Протугер е во спротивност со членот 6 од Одлуката за формирање на Канцеларија на претседателот на Влада на Република Македонија, со што овие договори би биле ништовни. Исто така очекуваме и мислење од Правобаранителството дали трошоците кои што тогашната Влада му ги одобрила на соработникот Александар Никовски, може да се сметаат како трошоци за службени активности – изјави Бошњаковски.
Според објавените материјали, советникот Никовски добивал месечен надоместок од 3000 евра, и дополнително државата од буџетот, за неговите трошоци издвоила над 30 000 евра за авиобилети, за угостителски услуги 23000 евра, за такси и друг превоз 5500 евра, за подароци 2500 евра, и уште 6000 евра за други трошоци, со што само за Никовски, според документацијата со која располага Владата, од државниот буџет биле издвоени 70.500 евра. Како што дополни Бошњаковски на пресконференцијата, Никовски добил и 147.000 евра надоместок, со што советникот на Груевски, својот ангажман го наплатил со 217.490 евра државни пари.

За овие новооткриени случаи Владата на Република Македонија побарала истрага од Министерството за внатрешни работи како и започнување на постапка пред Државното правобранителството.