Во Судот во Солун денеска треба да се одржи судењето на поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, по кои македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, јавија грчките медиуми.
Горан Грујевски и Никола Бошкоски денеска ќе се соочат со грчката правда оти се обиделе да ja измамат пасошката контрола и да го напуштат аеродромот во Солун со лажни бугарски пасоши.
Судскиот процес за поседувањето на фалсификуваните пасоши на Христо Атанасов и Неџби Хасан е закажан точно на пладне, по локално грчко време.
Македонските правосудни органи веќе ја започнаа процедурата за нивно екстрадирање во земјата. Грујевски и Бошкоски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати под името „Тврдина – Таргет“ и „Тврдина 2“.