Државата во која што живеам, не е државата каква ја замислувам. Не зборувам за патриотизам или некакво домољубие, туку за уредување, за воспоставени односи засновани на традиции, затекнати состојби и ескивирани закони, кои ич, ама ич не ми се допаѓаат. Државата ми е параспур. Сé има, а ништо нема. Формално има Устав, ама тој не важи на цела територија, формално има едно државно знаме, ама кој каде и како стигне го пали, или не го истакнува, формално има судови, ама нема право, формално има војска, ама нема одбрана, формално има полиција, ама нема безбедност, формално има администрација, ама нема функционалност и ефективност, а за нејзина ефикасност муабет да не правиме, формално има образование, ама нема знаење, формално има здравство, ама нема здравје, формално има форма, ама нема содржина. Да скратам – живеам во формална држава, во која формално имам поголема професорска плата од македонскиот формален просек (дури 500 евра), а суштински со неа не можам да го истерам формалниот месец во формално времетрање до бесконечниот 30ти, ден плус-минус.
И да бидам искрена, згадено ми е од формата. Зборувам за онаа позерска ситуација на Груевски за странските директни инвестиции спонзорирани од буџетот, зборувам за за субвенциите во земјоделството сведени на популистичка корупција, зборувам за за зајакнување на администрацијата како синоним за вдомување на партиски сељачишта, зборувам за за остручување на судството трансформирано во „сфаровска“ верзија на сервилност и потчинетост, зборувам за формално градење на култ на личност и авторитативна власт, психолошко – пропагандно презентирани како синоним за непогрешливост, аскетизам (24/7) и посветеност (кон полнење на сопствените банкарски сметки). Сé тоа било гола форма во функција на манипулација, криминал, бескрупулозна пресметка со противниците и измама. Класична измама изведена од дузина аматери, улични џепчии и префригани кримоси.
Добивме нова власт. Формално толку многу несовршена, а суштински толку многу отворена, што не знам дали повеќе ме нервира „кинењето зелени“ на понекој од моите нововластни другари, или повеќе ме одушевува морето критики, но и сугестии за подобрување на квалитет на скопскиот воздух. Прв пат во животот гледам ваква интеракција меѓу власта и граѓаните. Додуша со многу отров и злоба (барем на социјалните мрежи), но и со натпревар на идеи, предлози и проекти. Гледам премиер кој не чита одговори на однапред зададени прашања и свесно и храбро влегува во објаснување на најделикатните теми, гледам министри кои и по цена на „трескање глупости“ ги постилаат своите проекти на јавна преоценка, гледам градоначалници кои се бараат себе си во морето затечени дубиози, но гледам и ангажирани граѓани кои сакаат да бидат дел од приказната.
Сетоа тоа на моменти изгледа толку конфузно, дилетантски и наивно, што ни самата не знам каде почнува спонтаноста, а каде завршува систематичноста во решавањето суштински прашања од државен интерес. Знам дека сме во фаза на неартикулирано и одврзано барање на слободата и тоа, покрај сите негативности, ме радува.
Токму затоа, дами и господа од било кој ешалон на власта, првиот чекор што требаше, веќе го направивте. Покажавте дека сте дел од нас, од нашето несовршество, палијативност и површност. Покажавте и дека сакате да чуете и различни мислења, остри критики и умни предлози. Тоа е добро и тоа го почитувам, бидејќи авторитетот не се гради со сила, моќ и закана, туку со доверба.
Сега следи вториот чекор. Преземањето одговорност и носењето важни одлуки за системски прашања од интерес на граѓаните и државата. Тоа е и суштината на вашето именување, ако не се лажам.
Сé уште ја имате мојата доверба.