НИМИЦ: Средба за заедничко прифатливо решение за името на 11 и 12 декември во Брисел

Сподели

Посредникот на ОН во разговорите за прашањето на името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц закажа средба со преставниците на двете земји во Брисел на 11 и 12 декември.

„Средбата е дел од напорите на ОН зда им се помогне на двете страни да најдат заеднички прифатливо решение за прашањето на името“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Нимиц.

Првично разговорите беа планирани за наредната недела, но беа одложени и презакажани за декември.
Новата рунда разговори доаѓа во период на подобрена политичка клима меѓу Македонија и Грција, како и оптимистички очекувања од Скопје, Атина и Вашингтон за ставање крај на долгогодишниот спор.

Американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји минатата недела на дебата во Вашингтон рече дека прашањето за името е досега на највисоко ниво и најблиску до изнаоѓање решение. Шефот на грчката диломатија Никос Коѕијас, пак, изјави дека очекува прашањето да биде затворено во првата половина на наредната година, а македонскиот премиер Зоран Заев, дека треба да се направи исчекор и оти сега има поголеми шанси од порано да се изнајде решение со Грција.