Работната група на Министерството за правда констатирала бројни неправилности во работата на Кривичниот суд Скопје и на врховниот суд во врска со користењето на АКМИС-системот (Автоматизиран компјутерски систем за управување со судски предмети).
Како што соопшти министерот за правда Билен Саљији, во Апелацискиот суд комисијата утврдила дека АКМИС-системот е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судската управа.
Според наодите на Комисијата, во Кривичниот суд годишен план за движење на предметите бил донесен само во 2013 година. Годишниот распоред за работа на судот во 2016 и 2017 година бил менуван често, односно за две години бил менуван 10 пати. Не се користел модулот за автоматска распределба, туку таа се вршела рачно. Предметите биле распоредувани само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.
При увидот во судот било утврдено дека 860 предмети не се распределени на судии и како што кажа Саљији со ова се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи на судот до повисоките судови, судскиот совет и Министерството за правда.
Во Врховниот суд, АКМИС-системот се применувал спротивно на судскиот деловник и наместо предметот да оди кај судија по случаен избор него го добива очекуван судија. Исто така, според извештајот на Комисијата во Врховниот суд не било формирано работно тело за управување на движењето со предметите во судот, а годишниот распоред за работа во 2017 година бил менуван девет пати. Не се почитувало ниту начелото за специјализација на судиите, односно судии кои работеле на граѓански предмети се прераспоредувале да работат на кривични и обратно.
Извештајот ќе биде испратен и до другите надлежни институции, кои ќе треба да утврдат дали наводите упатуваат дека претседателите на судовите извршиле некакво кривично дело.
Прашани да посочат кои се одговорни за ваквата ситуација во судовите, министерот и претседателот на комисијата не сакаа да прецизираат, но кратко рекоа дека јавноста добро знае кој во изминатите две години претседавал со судовите.
meta.mk