Премиерот Зоран Заев и заменик министерот за животна средина Јани Макрадули синоќа се сретнаa со претставници од граѓанската иницијатива „О2 коалиција за чист воздух“, откако иницијативата најави дека ќе ја тужи Македонија до Европскиот суд за човекови права во Стразбур и ќе поднесе жалби до сите меѓународни институции поради алармантната загаденост во државата.
На средбата, премиерот, коалицијата, граѓанските здруженија и активистите детално разговараа за сите 16 „жешки точки“ кои ја загрозуваат животната средина во Република Македонија и за мерките за решенија како гасификацијата, десулфуризацијата, субвенциите за фотоволтаици, енергетските фасади, планското пошумување, интензивното зголемување на зелените површини во урбаните средини, зголемувањето на буџетот за Инспекторатот за животна средина, пречистителните станици, заштитата на Охридското езеро и подрачје од неконтролиран развој на туризмот, изградбата на ветерници, мерните станици, решавањето на проблемот со депониите и друго.
Од владиниот кабинет информираат дека двете страни се согласиле дека буџетот нема да биде цел на краен договор.
„Доколку е неопходно, во моментот кога ќе бидат дефинирани нови и соодветни квалитетни решенија, Владата е подготвена да направи релокација на средства или ребаланс на Буџетот во интерес на заштита на животната средина, со цел да не постои пречка за реализација на квалитетни еколошки мерки“, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Премиерот Заев посебно истакна дека гласот на граѓаните допре до институциите и дека граѓанскиот притисок мора да остане силен и да ја насочува Владата и сите надлежни институции кон изнаоѓање решенија за заканите по животната средина“ се вели во известувањето.
Во делот на рудниците, заеднички констатирале дека здравјето на граѓаните е врвен приоритет и дека се работи на изнаоѓање правно-формални аргументи и механизми за решавање на проблемот со што ќе се заштити животната средина и во исто време ќе се обезбеди интересот на државата.
Од Коалицијата „О2“, пред средбата со премиерот соопштија дека бараат да се зголеми буџетот за животна средина од 0,45 на 2,5 проценти каков што е европскиот просек и да има повеќе пари за конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето.