Буџет на МТСП за 2018 година: Повеќе пари за детски градинки и минимална плата, укинати нерационални трошоци

Сподели

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска одржа прес-конференција на која го презентираше предлог буџетот на Министерството за 2018 година. Со предвидени  43 милијарди 375 милиони и 583 илјади денари, буџетот на Министерството за труд и социјална политика е со највисок износ од сите владини ресори, а најголемиот дел од средствата одат директно кај граѓаните.

Буџетот е дизајниран во насока на поддршка на социјално загрозените категории и за инклузија и помош на ранливите групи на граѓани. Имено, над 120 илјади граѓани се корисници на социјални надоместоци во износ од 8 милијарди денари. Тоа се средства наменети за правата од социјална заштита, детска заштита, цивилни инвалиди, борци и воени инвалиди итн.

Во 2018 година, Министерството за труд и социјална политика се фокусира на подобрување на опфатот на деца во детските градинки и подобрување на просторните и кадровски капацитети.

,,Најголемо зголемување има кај трансферите до единиците на локална самоуправа за блок дотации за детски градинки, кои изнесуваат 1 милијарда 578 милиони и 290 илјади денари. Предвидени се средства за 200 нови вработувања, за зголемувањето на платите за вработените во градинките за 5%, како и дополнителни средства за материјални трошоци за функционирање на градинките. Крајни корисници се околу 30 илјади деца во Република Македонија. Во буџетот се предвидени и 58 милиони денари за нови капацитети за изградба и опремување на детски градинки и објекти за социјална заштита”, потенцираше министерката Царовска.

Во 2018 година се става акцент на активните мерки за вработување за што од Буџетот на Република Македонија во Агенцијата за вработување ќе бидат алоцирани 987 милиони и 500 илјади денари.

Финансиската поддршка на фирмите за исплата на минимална плата изнесува 461 милион и 250 илјади денари. Овие средства значат подобрување на стандардот на над 70 илјади граѓани од семејства со минимални примања.

Процесот на деинституционализација за прв пат добива посебна буџетска линија во буџетот на МТСП со износ од 25 милиони и 713 илјади денари. МТСП останува посветено на оваа реформа, која значи трансформација на големите институции во обезбедувачи на услуги во локалната заедница.

29 милијарди и 158 милиони денари се наменети за трансфери до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на над 300 илјади корисници, односно се наменети за редовна исплата на пензии со предвидено законско зголемување и транзициони трошоци за пензиски реформи.

За трансфери до Фондот за здравствено осигурување за редовна исплата на породилно отсуство и здравствено осигурување на лица од социјални категории, борци и воени инвалиди се предвидени 2 милијарди и 495 милиони денари.

За плати и надоместоци за вработените во Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална работа, дневните центри за вонинституционална социјална заштита, установите за институционална социјална заштита и детското одморалиште Илинден-Гостивар се издвоени 666 милиони денари.

Министерството и понатаму ги поддржува граѓанските организации издвојувајќи за нив 89 милиони и 573 илјади денари, од кои 66 милиони се наменети за националните инвалидски организации и Црвениот крст, а останатите се за поддршка на здруженија на граѓани од областа на социјалната заштита.

Министерката Царовска нагласи дека во буџетот за идната година се намалени нерационалните трошоци за репрезентација во министерството и се намалени или укинати надоместоците за учество во комисии и работни групи, кои во изминатите години беа неоправдано високи.