Ајде една игра да играме, м? – Ана БУНТЕСКА

Сподели

Ајде една игра да играме,
м?
што велиш?
ајде да играме игра
во која ќе победи оној кој прв ќе каже
ТЕ ЉУБАМ
оној кој прв рака ќе подаде
и другиот во прегратка ќе го земе
или еве
кој прв ќе тргне кон усните на другиот
м?
што мислиш?
мислиш дека сме кадарни за една таква игра
за игра во која не требаат карти
ниту коцки требаат
за игра во која се игра со чисто срце
кое баботи и чука небаре ќе замине некаде
ајде
ајде да играме игра во која љубов ќе водиме
дур телата можат да ни издржат
дур еден по друг како волци ќе завиваме
дур моите нокти не ти избраздат пат на грбот
пат кој до моево срце ќе води
а твоите загризи како скап накит ќе ги носам
и кришум под фустанот ќе ги гледам
како трофеј
како скапоцен дар
ајде
ајде нешто ново да направиме
наместо да се надмудруваме
и време бадијала да арчиме
ајде да се сакаме
ајде
ајде љубов да водиме
дур не осамне
и дур денот во ноќ не згасне
дур здив во себе имаме
заплеткај ми се во косата
и силно држи ме
како да никогаш повеќе да не ќе се видиме
што велиш?
една ваква игра да изиграме
која или ќе не’ збогати
или скапо ќе не’ чини
ама барем ќе не’ оживее
и во очите сјај ќе ни даде
игра во која болка ќе нема
ниту победник
ниту поразен некој ќе остане
дур не научиме во исто време да дишеме
и во исто време “те љубам” да кажеме
оваа игра која низ животот ја забораваме
а еве
Универзумот сторил се’ за да се потсетиме
да се љубиме
да се чуваме
оваа чудесна игра да ја играме
дур тука сме
дур живи сме
ајде
ајде да си играме игра во која ти ќе си јас
а јас со твоето ти ќе се будам
во мир
во љубов
.