Анѓушев за Канал 77: Каква и да била одредница на името, за мене е прифатлива

Сподели

 

Прашањето со името треба да се реши. Северна, Горна или Нова Македонија, за тоа народот треба да си каже. За мене Северна, Горна  и Нова е прифатливо – изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев  во саботното издание на емисијата „Стадион“ на Канал 77.

„Решавањето на името е на надворешната политика на Република Македонија но и внатрешно прашање. Тоа се поврзува и со економијата, бидејќи ако сакате економски просперитет вие морате прво и основно покрај економски мерки да имате и владеење на правото и да имате стабилна политичка состојба, а за стабилна политичка состојба. Македонија треба да биде членка на ЕУ и НАТО. Сите предуслови за да тоа можете да го направете е да најдете решение и компромис  за името. Јас сакам и сум свесен дека тоа мора да се реши. Оваа Влада има капацитет и отвореност да разговара на оваа тема, гледаме дека има позитивни сигнали  и меѓународната заедница, вклучително и од грчката страна. Она што сакам да го кажам е дека црвената линија која што не треба да се попушти е идентитетот, македонскиот идентитет, јазикот и т.н и дека за името треба да направиме една одредница којашто ќе биде интернационално прифатливо. Значи јас сум на мислење дека треба да се реши тоа прашање. Северна Горна или Нова македонија,тоа народот ќе си каже.За мене и Северан и Горна и Нова е прифатливо“, рече Анѓушев.

Во врска со зголемувањето на даноците Анѓушев образложи дека во сегашната Влада никој не дискутира за покачување на ДДВ, на данокот на добивка,на данокот на имот. Се зборува само за покачување на персоналниот данок и тоа само покачување кај богатите категории на граѓани. Мора да се направи една подобра социјална рамнотежа во државата .

„Таквото имплементирање на закон,како што гледате Владата не го брза,значи сака да направи соодветна анализа. Станува збор само за лични приходи над неколку илјади евра, даночната стапка да порасне на 18% додека за сите останати да се намали на 9%. Јас ценам дека таа идеја треба да се разгледа и дека можеби  треба само  да се размисли колку високо да се постави  летвичката, до која плата и над која плата да биде таквото оданочување“, образложи Анѓушев.

Според него состојбата во администрацијата каде од една страна има превработеност, а од друга страна недостиг на соодветни стручни кадри ќе се решава со т.н меки механизми.

„Во администрацијата има многу луѓе кои се здомени, вие практично не можете многу да ги искористете а од друга страна имате дефицитарни кадри кои што едноставно ги немате и сега тоа е расчекорот меѓу зборувањето и однесувањето. Тие луѓе  веќе се вработени, да ги отпуштите сите на улица  тоа би било лошо или од нивен аспект, некој реваншизам. Рековме дека нема да правиме реваншизам но постепено и полека според она што се нуди во една од мерките во новата економска програма,се нуди можност  секој кој што ќе преземе вработен од администрација ќе му биде вратена 20% од нето платата. На пример, ако  имате ваша фабрика и Вие сакате да преземете некого од администрација, во тој случај платата што ќе му ја дадете на вработениот, 20% државата ќе ви ја враќа назад. Ова е еден  т.н  мек механизам, се’ со цел  некој да не оставиме на улица. Овој вишок во еден период од една или две години ќе го решиме“, тврди Анѓушев.
За новоизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, вицепремиерот  вели дека му бил колега од машинскиот факултет, добро се познавале и соработувале.

„Јас ја охрабрувам целата опозиција  да биде силна, бидејќи држава без силна опозиција може да забега во води како што ги имавме овие претходни 11 години. Јас посакувам ВМРО-ДПМНЕ да излезе од оваа проблематична ситуација и да биде еден сериозен коректив на работење на Владата. Мислам дека тоа ќе биде добро за целата заедница и за целото општество“, рече вицепремиерот Анѓушев во саботното издание на емисијата „Стадион“ на Канал 77.