Интензивирањето на разговорите за името на Македонија е поврзано со желбата на САД да ја внесат оваа држава во НАТО, оцени рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на годишната прес конференција на руското МНР во Москва.
Лавров рече дека по „долгогодишниот полусон“ разговорите сега се интензивираат и на сите им е јасно зошто не станува збор за приближување на двата балкански народа, туку желбата на некои едната од нив да стане членка на НАТО.
Рускиот министер смета дека Македонија која сака да стане дел од НАТО ќе треба да ги направи отстапките, за разлика од Грција која е веќе членка на Алијансата.
Прашан дали Москва ќе го прифати евентуалното ново име на Македонија, која патем од Русија е признаена под уставното име, Лавров одговори дека „какво било име што ќе го договорат Атина и Скопје,а што официјално ќе биде внесено во уставот на Македонија, ќе биде прифатено од руска страна“.