Нова рунда преговори Скопје – Атина во Њујорк

Сподели

Нова рунда преговори, втори од нивното обновување, ќе се одржи утре во Њујорк меѓу преговарачите на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, со посредство на медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц.

Посредникот во преговорите за името ќе се состане со преговарачите во напорите да се пронајде решение за речиси тридеценискиот спор за името меѓу двете земји, кој е кочница за европската и евроатлантската интеграција на Македонија.

Нимиц вчера во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ истакна дека нема да излезе со нов предлог за името, туку со предлог-идеи за кои веќе се диксутирало во минатото.

– За ова прашање дискутираме повеќе од 20 години и повеќето од идеите веќе биле ставени на маса. Но, секогаш постои нов и друг начин за работите да бидат разгледани, од малку поинаква димензија. Затоа, мислам дека луѓето ќе го гледаат прашањето од малку поинакво светло. Секако, нема ништо што е сосема ново и мислам дека ова веќе сум го кажал. Не постои волшебно решение за ова прашање, рече медијаторот во интервјуто, кое го пренесе МИА.

Тој оцени дека постои позитивен моментум во Скопје, додавајќи дека новата Влада е мошне заинтересирана да го реши спорот. Позитивна клима гледа и кај грчката страна.

Нимиц напомена дека постојат и други прашања освен името, како што се неговата употреба, но и прашањето за идентитетот, кое како што рече предизвивува голема загриженост во Македонија.

 – Постојат и други прашања покрај името – неговата употреба, идентитетот…, што предизвикува голема загриженост кај северниот сосед и затоа треба да бидеме исклучително чувствителни во врска со тоа. Постои загриженост и во Грција за некои историски прашања, за историското и културното наследство, учебниците… Овие прашања се важни, но мислам дека има решенија за нив. Двете соседни земји можат да ги решат, ако прво се реши основното прашање, истакна Нимиц во интерјуто.

Претходната рунда преговори, која беше прва по тригодишниот застој во процесот, се одржа во Брисел на 11 и 12 декември, кога беше најваено дека Нимиц секој месец ќе одржува средби со преговарачите, со цел да се најде решение.

Новата рунда разговори доаѓа во период на интензивирани активности и оптимизам во Скопје, Атина, Брисел и Вашингтон за конечно затворање на спорот.

На состанокот во Њујорк, како што објави МИА, се очекува Нимиц да стави на маса иницијална рамка за надминување на разликите околу името. Ова беше потенцирано на последата средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, која се одржа во Солун минатата недела, а за која двете МНР-а не изнесуваа ниту време, ниту локација се до нејзиното одржување.

Димитов и Коѕијас се договорија да имаат подиректна улога во разговорите со цел да се поттикне забрзуваење на решавањето на спорот, а за таа цел договорија и формирање на работни групи, со кои ќе раководат лично тие и кои првиот состанок ќе го имаат следниот месец.

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас изминатите денови изјавија дека постојат можности да се најде решение за спорот во првата половина на 2018 година. Според најавите во маедиумите и во Грција и во Македонија, можна е средба на двајцата премиери на а Светскиот економски форум што од 23 до 26 јануари ќе се одржи во Давос, Швајцарија,. Освен премиерите, во Давос ќе бидат и шефовите на дипломатиите на двете земји Дмитров и Коѕијас.