Судењето за случајот на СЈО „Тврдина – Таргет“ се одложи за 27 март затоа што новиот судскиот совет со кој претседава судијката Џенета Бегтовиќ, согласно новиот план за работа на претседателот на Судот Иван Џолев, му е потребно време за да го проучи предметот кој, како што кажа судијката, има обемен доказен материјал.
Дополнително, како што соопшти Бегтовиќ, судијата Горан Бошевски кој е дел од петчлениот судскиот совет кој го води предметот, поднел барање за изземање бидејќи претседавал со советот кој го оценувал обвинителниот акт за „Тврдина – Таргет“ и судот треба дополнително да одлучи по тоа барање.
Судијката соопшти дека обвинетите Валентина Симоновска и Маријан Шумоликоски на 12 месецов доставиле листа со материјални докази кои денеска судот им ги доставила на обвинителите на СЈО, Ленче Ристоска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.
На судењето беше присутен првообвинетиот, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јануколоска, поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски и уште седуммина обвинети. Обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски не беа присутни затоа што се во екстрадиционен притвор во Грција каде ја очекуваат одлуката на Врховниот суд да ја потврди првичната одлука на Солунскиот суд да бидат екстрадирани.
Случајот „Тврдина-Таргет“ се однесува на масовното прислушување и на уништувањето на опремата од незаконското следење на комуникации.