Иванов не го потпиша Указот за Законот за јазиците

Сподели

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, попладнево објави дека не го потпишал Указот за Законот за јазиците, затоа што e, како што рече, неуставен.

-Имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската  и пошироката јавност за противуставноста на овој закон, а врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Денес упатив писмо до Собранието на Република Македонија со кое информирам дека не го потпишувам – рече Иванов.

Претседателот на Република Македонија вели дека овој закон е донесен неправилно – без јавна расправа, научна дебата и сосема неоправдано му било додадено европското знаменце.

– На 11 јануари 2018 година, Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазиците, без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и експертската јавност и без опозицијата. Во последното годишно обраќање потенцирав дека овој закон е донесен со европско знаменце, без притоа да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата. Со овој закон, Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара. За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците на Европската Унија не беа испочитувани и беа игнорирани – порача Иванов.

Според претседателот на државата, со законот се фаворизира албанскиот јазик и се воведува скап паралелизам во државната власт, што ќе донесе блокада и нефункционалност.

– Со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност.  Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општество преку праведни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик – порача Иванов.