Грчко МНР: Преименувањата на аеродромот и автопатот, се потег на негирање на иредентизмот

Сподели

Преименувањето на аеродромот и автопатот се потези на негирање на иредентизмот, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во интервју за првата програма на грчкото државно радио, јавува дописникот на МИА од Атина.

Новинарката реагираше дека не можело да биде негирање, бидејќи „иредентизмот постои и во Уставот“, на што Јоргос Катругалос објасни дека исто како што во минатото Грција реагирала негативно на иредентистички чекор, така сега реагира позитивно на потезите против иредентизмот.

– На симболично ниво, како што протестиравме и добро правевме, кога ги поставуваа спомениците на Александар Велики како примери за иредентизам, сега кога гледаме комплетно спротивно однесување, кога ги отстрануваат оние работи што се сметаат за симбол на иредентизмот, нормално е дека тоа ќе го поздравиме со аплауз. Тоа е спротивен симболичен потег, дека повеќе не го оспоруваат грчкиот карактер на Македонија, вели Катругалос во интервјуто.