Заев во официјална посета на Турција

Сподели

Премиерот Зоран Заев од вечерва во официјална посета на Република Турција. За време на посетата ќе има средби на највисоко владино и државно ниво, а ќе се сретне и со претставници на бизнис заедницата во Турција.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев ќе биде придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР Виктор Димовски.

 Посетата на премиерот Заев и делегацијата на Анкара почнува вечерва, со вечера организирана од ТОББ (TOBB), Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција. На вечерата премиерот Заев ќе има воведно обраќање, а пред претставниците на ТОББ ќе се обрати и министерот Ќахил.

Утре премиерот Заев ќе биде пречекан од страна на претседателот на Владата на Република Турција, Бинали Јилдирим, а потоа двајцата премиери ќе имаат тет-а-тет средба по што ќе следува и средба на делегациите од Македонија и Турција. Јилдирим и Заев ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Во текот на денот, премиерот Заев предвидено е да се сретне и со претседателот на Собранието на Република Турција Исмаил Кахраман и со претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган.