ОЈО Скопје најави истрага за загинувањето на планираните на Кајмакчалан

Сподели

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека отворило предмет за расветлување на случајот на планинскиот врв Кајмакчалан, во кој животите ги загубија македонските планинари, Калина Велевска и Александар Миновски.

„Надлежен јавен обвинител издаде наредба до Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за насилен криминал за да се извршат проверки во Федерацијата на планинарските спортови на Македонија по однос на тоа кој, кога и како ја организирал планинарската експедиција, кои се потребните услови за таква организација и дали тие биле исполнети, како и други околности“, стои во соопштението на Обвинителството.

Истовремено издадена е наредба да се направат проверки и во планинарското друшто „Трансверзалец – Скопје“, на нивните акти и одлуки врз основа на кои се организираат планинарските експедиции, потребните услови што треба да се исполнат, како и околностите под кои се спроведувало искачувањето на Кајмакчалан.

„По наредба на надлежниот обвинител треба да бидат обезбедени и листинзите на појдовни и дојдовни повици од мобилните телефони на починатите планинари“, наведуваат од ОЈО Скопје.