Судот на Европската Унија пресуди дека Полска не ги исполнила барањата на европското законодавство за ограничување на загадувањето на воздухот.
Според директивите на ЕУ од 2008 година, земјите-членки на Унијата мора да го намалат загадувањето на воздухот за да го заштитат здравјето на луѓето.
Европската комисија во декември 2015 година ја даде Полска на суд, затоа што меѓу 2007 и 2015 година дневните вредности на загадување во 35 од 46 зони за оценување на квалитетот на воздухот редовно ги надминувале дозволените вредности.
Судот, исто така, наведува дека мерките што Полска ги планирала за да го ограничи аерозагадувањето, ќе го довдат квалитетот на воздухот во рамките на европските стандарди најрано од 2020 до 2024 година.
„Аргументот на Полска дека нејзината финансиско-економска состојба не зодовлува европското право да биде применето порано, сам по себе не може да го оправда толкавото доцнење во исполнувањето на крајните рокови“, наведува судот.
Инаку, Полска е втората држава од ЕУ, за која е утврдено дека ги крши европските стандарди за квалитет на воздухот. Во април 2017 година судот објави одлука против Бугарија за истиот проблем.
Во последните недели европските институции презедоа строги мерки и против девет други членки – Велика Британија, Чешка, Германија, Шпанија, Франција, Италија, Унгарија, Романија и Словачка, на кои им се закани дека ќе ги даде на суд доколку не достават предлози за подобрување на квалитетот на воздухот.
Според проценките, повеќе од 400 илјади Европејци годишно секоја година предвреме умираат поради лош квалитет на воздухот, кој предизвикува болести како астма, срцеви заболувања и рак на белите дробови.
Одлуката на судот против Полска доаѓа во период на заострени односи меѓу ЕУ и Варшава по предупредувањата што Брисел ги упати до земјата-членка за ерозијата на владеењето на правото, што го дозволила полската владејачка нациоаналконзервативна партија на Правото и правдата.