Врз основа на записникот и извештајот од извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на Социјалната инспекција, од Министерството за труд и социјална политика информираат дека до Основното јавно обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава против одговорните лица во Центарот за социјална работа – Скопје за ,,несовесно работење во служба“, како и против стручни лица вработени во Центарот, за кривично дело „запуштање на малолетно лице“ и за „несовесно работење во служба“.
„Оваа пријава ќе биде покрената против сите 11 лица кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија по предметот на малолетната Р.И. во периодот од 2012 – 2017 година. Исто така, од страна на инспекторите се поднесени 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, согласно со Законот за работни односи. Поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од страна на стручните лица во постапувањето во овој случај, согласно со Законот за социјална заштита“, велат од МТСП.