Четиринаесет години од смртта на претседателот Трајковски

Сподели

Денеска се навршуваат 14 години од авионската несреќа во Ротимље, крај Мостар, БиХ, во кој загинаа претседтелот Борис Трајковски, пилотите, неговите соработници и обезбедувањето.

Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел цвеќе на гробот на Трајковски ќе положат членови од семејството на претседателот, повеќе делегации и граѓани.

До сега, во овие 14 години, беа спроведени две истраги за несреќата која се случи во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар, за причините за падот на „кингерот“, за тоа дали се случила авионска несреќа или било „тероризам“, од тогаш досега беа изврешени две истраги и објавени два извештаја, на две комисии со кои раководеа Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти.

И во двата извештаја, кои се разликуваат, сепак, како причина за падот на „кингерот“ се наведуват пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.

На барање на Македонија, со поддршка од европратеникот Андреас Грос, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР беше отворена нова истрага во јануари 2013 година која ја водеше Кулиќ.

Во првиот извештај како директна причина за падот на „кингерот“ се наведени „процедурални грешки во приодот за слетување, по висина и по место, на аеродромот во Мостар, на контролиран лет“. Во вториот се наведени и системските пропусти, а е објавен и транскриптот од црната кутија односно целиот разговор меѓу пилотите и разговорот со контролата на летање.

Седум постапки во текот на летот од страна на пилотите и пет системски грешки на надлежни институции во Македонија и во Босна и Херцеговина се причините за уривање на „кингерот“, стои во новиот извештај што го презентираше Кулиќ.

Македонската страна во целост ги прифаќа наводите со дополнителни предлози кои се однесуваат на ВОР системот, самата процедура, барањето и спасувањето по падот на кингерот и формулацијата за пловидбеноста на воздухопловот. Но, за македонската страна е нејасно зошто е пренасочена локацијата каде да се бара авионот, иако Кулиќ вели дека контролорот на летање знаел каде е урнат авионот.

Во авионската несреќа покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.