Кабинетот на Иванов со реакција за изјавата на Селмани за сертификатите за новинари

Сподели

Кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов, преку соопштение реагира на обвинувањата на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани за издавањето на безбедносни сертификати на новинари дека тој е погрешно информиран. Во процесот на спроведување на итните реформски приоритети, како што наведуваат од кабинетот, Советот за безбедност планирал активности во кои требало да бидат вклучени и стручни лица-новинари, а за тоа би им биле потребни безбедносни сертификати.

– Во процесот на спроведување на итните реформски приоритети врзани за прашања за безбедноста, но и законската обврска на Претседателот на Република Македонија да ја донесе стратегијата за одбрана, Советот планира активности во кои сметаме дека треба да бидат вклучени и стручни лица – новинари. Согласно законските одредби за работа за класифицирани податоци, новинарите треба да имаат издаден безбедносен сертификат од надлежен државен орган, ДБКИ. Во планираните активности очекуваме од новинарите да дадат сугестии за начинот на информирање на јавноста за подигнување на свеста и безбедносната култура за работа со класифицирани информации заради постоење на висок ризик од генерирање лажни вести и планиран истек на информации, што врши ерозија на институциите, стои во реакцијата од кабинетот на Иванов.

Селмани обвини дека таквиот чекор на кабинетот на Иванов е обид за притисок и контрола врз медиумите.