Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), од своето формирање до минатата година, не успеала целосно да го воспостави системот за заштита и спасување, рече директорот на ДЗС, Аднан Џафероски, на средбата со новинарите на која информираше за состојбата во Дирекцијата, во која, како што кажа, наследил долг од 70 милиони денари (милион и 135.000 евра).
Според него, до неговото доаѓање на функцијата, несоодветно се водела кадровска политика, посебно во поглед на изборот на раководителите. Наследениот долг, пак најмногу отпаѓа на неисплатени услуги за механизација која е користена во елементарни непогоди.
Тој рече дека со неговото доаѓање на чело на Дирекцијата ги реактивирал 64-те тимови за брз одговор кои во моментов се на дообука, а претходно не функционирале, не биле соодветно опремени и не се спроведувале стандардните процедури.
Џафероски се пожали и дека во ДЗС во последните десет години не се направени никакви инвестции, освен трите авиони за гасење пожар кои се набавени во 2009 година. Голем дел од опремата бил дониран уште од ЈНА, a и другата опрема е главно од донации.
Новиот директор се пофали дека откако дошол на функцијата, за првпат навреме и законски извршил сервисирање на авионите што се подготвени за гасење на пожари за следната сезона. Тој рече дека набавиле и дрон што ќе превенира во пожарите, односно ќе се интервенира веднаш онаму каде има мал пожар да не се прошири. Оваа инвестиција, вели то, е многу исплатлива отколку да се прават превентивни летови со авионите, што трошат по две до три илјади евра од лет.
Директорот најави посебна прес-конференција на која ќе информира за состојбата со материјално-техничките средства кои ги користи ДЗС во справувањето со елементарните непогоди, меѓу кои се и средствата од меѓународни донатори.