Владата на вчерашна седница отповикала на неколку конзули меѓу кои најекспониран е Џејсон Мико, долгогодишен колумнист во пропаднатиот весник „Дневник“ и консултант на владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, кој бил плаќан од буџетот.
Претходно тој бил и лобист за ВМРО-ДПМНЕ и консултант. Според документите заведени на Американската агенција за регистрација за странски соработници – ФАРА, ВМРО-ДПМНЕ за 7.500 долари месечно го ангажирала Џејсон Мико да дава консултантски услуги непосредно пред изборите на 5 јули 2006 година, на кои партијата дојде на власт.
Покрај Мико, отповикани се и Ричард Голдман, Томас Танеф, Ендру Димитри Пејкоф, Лоу Влашо и Пуршотам Карамангала Џајарам.
Во рамките на точките за кадровски измени, Владата вчера го именувала Бујар Дарлишта за в.д. директор на Управата за водење на матични книги, а Лазар Еленовски е назначен за специјален пратеник на Владата на Република Македонија за НАТО интеграции во Брисел.
На предлог на Mинистерството за финансии Владата го усвоила Предлог – законот за пријавување и евиденција на обврски кои ги имаат буџетските институции. Имено, досега не постоел унифициран механизам на евиденција и следење на обврските на субјектите кои располагаат со јавни средства. Новиот предлог – закон предвидува преку електронски систем да се евидентираат преземени, а неисполнети обврски на институциите, како и неплатените обврски.
Законот ги опфаќа органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, установите и институциите кои вршат дејности од областа на културата, образованието, здравството, детската, социјалната заштита, како и во други дејности од јавен интерес.