Кривична пријава за Доневски – злоупотреба на службената положба

Сподели

 

Управата за финансиска полиција вчера до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување и „соизвршителство“ против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Васе Доневски и против лицето В.Г. во својство на сопственик и управител на Друштвото за обезбедување и услуги „Сејкуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје.

 

Друштвото за обезбедување и услуги „Сејкуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје прекршувајќи го Законот за јавни набавки се стекнало со противправна корист во износ од над 660 милиони денари.

Поранешниот директор на СОЗР, кој беше разрешен од новата Влада во јули годинава, вчера беше приведен и според денешната изјава на директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми во текот на 2015 година свесно и со однапред утврдена намера ја искористил службената положба и со пречекорување на службените овластувања иницирал постапка за јавна набавка.

Тој, како што информира на денешната прес-конференција Сузана Петровска од Финансиската полиција, со цел да ја избегне обврската да побара согласност од Советот за јавни набавки, испратил известување за оглас за јавна набавка до седум економски оператори.

Четири од нив, Друштво за обезбедување и услуги „Секјуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје, Друштво за услуги „Секјуриком сервис“ ДООЕЛ увоз – извоз – Скопје, Друштво за услуги АПС ДОЕЛ Скопје  и „Топ сервис“ ДОЕЛ Скопје се капитално поврзани друштва во сопственост на второпријавениот.

 Друштво за производство, трговија и услуги „Серта“ ДОЕЛ увоз – извоз Скопје и Друштвото за хигиенско-технички услуги „Техночист“ ДОО Скопје се друштва кои во период пред јавната набавка имале соработка со „Секјуриком мулти сервис интернационал“.

Друштво за трговија и услуги „Еко клининг“ ДОЕЛ Скопје е фамилијарно поврзано со „Серта“ ДОЕЛ.

Од овие седум економски оператори се добиени позитивни одговори со изјави за заинтересираност за учество на огласот за јавна набавка при што е избегната обврската за барање на согласност од Советот за јавни набавки.

Пријавените склучиле договор за извршување на услуги прекршувајќи го Законот за јавни набавки со што оформиле неделива постапка за јавна набавка која меѓусебно опфаќала пет дејности коишто не се поврзани. Сето тоа, како што појасни Петровска, со намера да се намали и елиминира конкуренцијата, ја избегнале можноста и за електронска аукција со која ќе се овозможи конкурентно наддавање и намалување на цената на услугите. „Секјурикум мулти сервис интернационал“ се стекнало со противправна имотна корист во износ од 660.834.855 денари.

Муареми истакна дека сумата со која што пријавените го оштетиле Буџетот целосно ќе се утврди во понатамошната постапка и додаде дека бил извршен претрес на неколку локации и било утврдено дека не е предадена целосната финансиска документација поврзана со овој случај. Одземени се неколку електронски уреди, УСБ и едно патничко возило.