Во Основен суд Скопје 1, денеска треба да се одржат рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство наречени „Траекторија“ и „Триста“.
На рочиштето за „Траекторија“, за договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, треба да бидат разгледани материјални докази.
Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.
На рочиштето за предметот „Триста“ во кој е обвинет Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер во МВР за набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи, неговата одбрана треба да даде воведни зборови, а ќе бидат повикани и четворица сведоци на СЈО.
Обвинителите велат дека Поповски со набавката го оштетил буџетот на државата за сума од 453.570 евра, односно тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.