Министерството за култура ја известува јавноста дека работната група формирана за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ ”Музеј на македонската борба за државност и самостојност“ – “Музеј на ВМРО” и “Музеј на жртвите од комунистичкиот режим” и формално започна со својата работа, го одржа својот прв работен состанок и го изврши првиот директен увид во објектот.
При својата прва посета на Музејот вчера, работната група оствари средба со раководството, изврши првичен увид во музејската поставка и прибави дел од неопходната документација потребна за подготовка на детална анализа за овој музеј. Работната група во состав д-р Александар Литовски (претседател), д-р Донка Барџиева Трајковска, д-р Елеонора Петрова, Златко Теодосиевски, м-р Гордан Николов и м-р Жарко Трајановски (членови) ќе има задача да изврши увид во целокупната документација поврзана со одлуката за основање и изградба Музејот, да изврши увид во целокупната документација поврзана со начинот на прибирање и откуп на музејскиот материјал, да направи проценка на музејската збирка, да изврши евалуација на начинот на експонирање на музејската збирка и пропратниот илустративен материјал, како и евалуација на начинот и условите на чување на музејскиот материјал.
По разгледување на целосната документација и состојба, Работната група ќе изработи Елаборат за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ ” Музеј на македонската борба за државност и самостојност“-“ Музеј на ВМРО” и “Музеј на жртвите од комунистичкиот режим”.