Министерството за надворешни работи вчера објави дека одлучило да протера еден дипломат на Руската Федерација во Македонија заради случајот Скрипал.
„МНР во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година“, се вели во кусото соопштение во кое се додава и дека „користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“.
– “Владата донесе одлука да протера руски дипломат. Целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна” – објави руската амбасада на Твитер.
САД, Канада и 14 земји од ЕУ денеска истовремено одлучија да протераат руски дипломати од нивните земји заради труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија.