Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека попладнево ќе се сретне со директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство Викторија Јовановска и со претставници од Министерството за финансии, во врска со блокирањето на сметката на Клиниката, поради исплата на извршни судски решенија.
Појасни дека секоја јавна здравствена институција има право на донациска посебна сметка.
На новинарско прашање дека има реакции од граѓаните за лековите во аптеките, односно дека поскапуваат место да поевтинат, Филипче изјави дека може да настанала разлика само во многу мал број на лекови.
„Фондот има обврска да ги прати со своите референтни цени единствените цени кои ние ги детерминиравме во Министерството и веројатно станува збор за разлика од неколку денови додека тие цени не се усогласат. Ќе има поевтинување на сите лекови како што најавивме“, рече Филипче.
Прашан до каде е случајот со родилката која неодамна почина во приватната болница „Санте плус“, Филипче кажа дека Министерството за здравство ја завршило својата работа, се формираше комисија и понатаму, како што рече, случајот го презеде Основното јавно обвинителство.