Македонија, заедно со Узбекистан и Естонија, е една од светлите точки на годинашниот извештај „Нации во транзиција“ на „Фридом хаус“, кој го одбележува демократскиот прогрес на 29 држави во транзиција. Анализите се однесуваат на периодот на целата измината година.
Според авторите на извештајот, смената на власта во јуни минатата година создала шанса да се направи пресврт по години заробена држава и да се разрешат споровите со соседите.
На скалата од 1 до 7, каде единицата е најдобра оценка, а седумката означува најниско ниво на демократски прогрес, Македонија за изборниот процес добила 4, за граѓанско општество 3,25, за независност на медиумите 5, за државно демократско управување 4,75, за локално демократско управување 4, за правосудните рамки и независност 4,75, а за корупција 5,25.
Според извештајот, најголема шанса за демократски пробив во Европа денес има токму Македонија, која е ставена во категоријата „Транзициска влада или хибриден режим“.
„Иако земјата е мала, можноста е голема: Успехот во Македонија ќе значи излегување од деценија на заробена држава и за мирно разрешување на споровите што го попречуваа политичкиот и економскиот прогрес во регионот. „Во Нации во транзиција 2018“, Македонија го постигнува првото подобрување на оценките од 2010 година, со тоа завршувајќи го периодот на седум години континуирано опаѓање“, се вели во извештајот.
Давајќи краток осврт на развојот на политичките настани во Македонија од 2014 година, кога СДСМ и здружената опозиција го почнаа бојкотот на врвните државни тела, „Фридом хаус“ вели дека почнато е разградувањето на заробената држава, но сè уште пред земјата стојат големи предизвици, како разрешувањето на спорот за името со Грција.
„Новата влада е цврсто посветена на разбивањето на заробената држава што ВМРО-ДПМНЕ ја создаде. Првиот клуч за успехот за коалицијата предводена од СДСМ би било разрешувањето на спорот за името со Грција, што би го отворило патот кон членство во ЕУ и НАТО и би обезбедило огромна меѓународна поддршка за владата. Иако ЕУ силно ја поддржува владата, нејзините раце се врзани сè додека Грција не ги повлече своите приговори за официјално почнување на процесот за пристапување. Македонската влада прави силен напор за разрешување, а грчката влада возврти со одреден број позитивни изјави. Во овој момент, новата влада заслужува цврста поддршка од САД и ЕУ, вклучувајќи притисок врз Грција за разрешување на спорот за името и ветувања за помош во болниот процес на враќање назад од заробеност на државата“, се вели во извештајот.
Годинашниот извештај забележал најголем број поместувања надолу во својата 23-годишна историја, односно просечниот демократски индекс на 19 од вкупно 29 држави опаднал во однос на годината претходно.