Владина седница: Утврдување на стратешките приоритети за 2019 година

Сподели

Владата на Република Македонија на денешната 66. седница ќе ја разгледа Предлог одлуката за утврдување на стратешките приоритети за 2019 година.

Помеѓу стратешките приоритети се развојот на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, Република Македонија – членка на НАТО и ЕУ, борба со организираниот криминал и корупцијата, јакнење на владеењето на правото, изградба на независни институции, реформите во образованието и во правосудството и целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика ќе бидат разгледани Предлог законот за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и Предлог законот за приватни агенции за вработување.

Дел од точките на 66-тата седница се Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за градежни производи, предложен од Министерството за економија и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка, предложен од Министерството за финансии.

На дневен ред на денешната седница се и информациите за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандум за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти од ЕУ и од светот.

Како точки за информирање, министрите ќе го разгледаат извештајот за реализација на средства од програмите за финансиска поддршка во земјоделството, руралниот развој и рибарство со аквакултура за 2017-тата година.

Како што информира владината прес-служба на предлог на Министерството за надворешни работи ќе бидат разгледани предлозите за отворање на почесни конзулати на Република Македонија во Турција со седиште во Едрене, и во Казахстан, со седиште во Алмати.