Дојче веле го слави 65. роденден

Сподели
Во времето кога беше основан Дојче веле, германскиот јавен сервис за странство, владееше Студената војна. Денес многу од предизвиците од минатото се повторно актуелни. ДВ го слави 65. роденден.

Konrad Adenauer und DW-Redakteur Hans Wendt Archivbild 1963 (DW)Интервју со канцеларот Конрад Аденауер во 1963 година

„Почитувани слушателки и слушатели во далечни земји“, така гласеа поздравните зборови на германскиот претседател Теодор Хојс со кои Дојче веле на трети мај 1953 година започна да емитува радио програма. Пораката гласеше дека ДВ сака „на слушателите во странство да им ја пренесе политичката, економската и културната слика на Германија“.

ДВ ја презеде таа задача како радио-станица од Келн, која емитуваше програма прво само на германски јазик, на кратки бранови. И најде своја публика ширум светот. Веќе во 1954 година започна со емитување програми на странски јазици. Во 1992 година започнува емитување и на телевизиска програма, а набрзо потоа ДВ се појавува и на интернет.

„Секако дека времињата кога програмата се емитуваше преку кратки бранови беше поедноставна“, вели генералниот директор на ДВ Петер Лимбург. „Тогаш можевте да допрете до секое ќоше на земјината топка“.
Денес дистрибуцијата на понудата е далеку посложена.

„Денес, благодарение на интернетот, социјалните мрежи и партнерските мрежи, успеваме да допреме до далеку повеќе луѓе од порано. Како и досега, нудиме мешавина на вести, анализи и коментари со кои поттикнуваме на дебата во општеството. Денес е сето тоа помодерно спакувано и повеќе ориентирано кон различна, често многу млада целна група“.

Лимбург е генерален директор веќе четири и пол години и сака дополнително да го засили меѓународното значење на куќата.

Напрегнати глобални односи

Самиот поим „јавен емитер“ е доста широк. Кога е во прашање ДВ, тоа опфаќа телевизиска програма на четири јазици, различна аудио понуда, интернет-страници на 30 јазици, како и широка активност на социјалните мрежи.

Смартфоните стануваат сѐ поважни кога станува збор за следење на медиумите, а корисниците денес – главно млади луѓе. Помалку е познато дека ДВ-академијата, е водечка германска организација за развој на меѓународни медиуми, од 1965 година до денес обучи повеќе од илјада странски новинари.

Денес, во време кога ДВ го одбележува 65. роденден, некои случувања потсетуваат на тешкото политичко време од периодот на основањето. Повторно се говори за „Студена војна“, а слободата на мислењето и слободата на печатот се загрозени ширум светот.

„Времињата станаа потешки: тоа значи повеќе работа за ДВ. Ние мораме да информираме, да градиме мостови на помирување и да промовираме вредности. Без оглед дали тоа ќе го наречеме „Студена војна“ или „мултиполарен светски поредок“, предизвиците кои пред нас ги поставуваат пропагандата, лажните вести, миграциите, климатските промени и тероризмот стануваат сѐ поголеми“, вели Лимбург.

Разновидност на 30 јазици

Jaafar Abdul-Karim (DW)„Нашите луѓе се клуч на успехот на Дојче веле“, се наведува во статутот на ДВ. Дојче веле во Бон и Берлин вкупно вработува 3.400 луѓе од повеќе од 60 нации. Оваа медиумска куќа е мултикултурна како ниту една друга институција во Германија. Бројот на дописници во Африка, Азија и Латинска Америка постојано расте.

„Таа разноликост е богатство и сила на ДВ“, укажува Лимбург. „Ние учиме едни од други и гледаме дека преку размена на култури, религии и традиции може да се роди нешто ново, нешто што е добро за сите нас. Сето тоа го правиме врз основа на нашиот Устав кој заговара слобода. Големо задоволство ми е што работам со толку голем број различни и инспиративни колеги. ДВ можеби не е старт-ап, но сигурно е модерна медиумска куќа со многу флексибилни соработници подготвени да експериментираат“.

Меѓународните истражувања на јавното мислење покажуваат дека 96 отсто од корисниците му веруваат на Дојче веле. ДВ секоја недела на интернет го посетуваат или на телевизија го следат 150 милиони корисници. А бројките растат од месец во месец.

DW